Image29 Мај 2020

51 ГОДИНА АДИНГ - обраќање на Генерален директор и Претседател на УО Благоја Дончев дипл.град.инж.

Поради вонредната безбедносна состојба и неможноста непосредно да го одбележиме 51-от роденден на АДИНГ, ви се обраќам на овој начин, сакајќи виртуелно да бидеме заедно и да си посакаме во добри  безбедносни  услови  да  го  прославиме  нашиот  роденден.

Пред 51 година, на 30 Мај 1969 година започнува нашето  патување, нашите први чекори. Тоа бил навистина бурен и интересен период од човековата историја, кој делувал инспиративно на неколку наши ентузијасти да создадат мала компанија. Навистина било тешко на почетоците. Индустријата кон која целеле и дејноста која сакале да ја работат, веќе била резервирана за северните развиени републики во тогашната СФРЈ, Словенија и Хрватска. Но, „невозможно и недостижно не постои“ е филозофија која цели 51 година не` придвижува и во тие моменти успеваме да отпочнеме со производство на хемиски материјали за градежнииштвото.

Од тогаш до денес, нашата мисија да се биде „состојка на секоја градба“ е постојан предизвик во кој ние веруваме и се стремиме да го оствариме, што не` прави лидери во производството на хемиски материјали за градежништвото во Југоисточна Европа.

Во одредени периоди од сите изминати 51 година, вклучително и годинава, АДИНГ минувал низ големи неизвесности, општествени  потреси и непредвидливи околности, но секогаш сме излегувале посилни. Ние, градежните фармацевти како што многумина денес не` нарекуваат, тим составен од градежници, архитекти, технолози, хемичари и други професионалци, сме автентичен и редок македонски бренд и неформални  амбасадори на нашата земја.

Иако во моментот сме присутни на повеќе од 13 пазари, во изминатите 51 година сме стигнале на најдалечните места. Нашите производи, знаење и технологии се применети во градежништвото и вградени во безброј значајни и стратешки објекти по целиот свет. Ние сме тие, светските патници, професионалци, чии искуства, знаења и ескпертизa решиле многу специфични проблеми во градежништвото.

Целата групација АДИНГ, со своите ќерки фирми во Македонија, Србија, Бугарија, Казахстан, денес брои околу 150 вработени. Истите посветено работат и продолжуваат по патот кој го зацртале првите генерации на АДИНГ.

Дури и денес во услови на пандемија од светски размери и нова реалност, чекориме понатаму и  не потклекнуваме. Како и многу компании од нашата и останатите индустрии, но и целата заедница, се соочуваме со низа потешкотии во секојдневното функционирање. Но, се реорганизиравме во сите безбедносни и технички аспекти од работењето и продолживме исклучиво со сопствени сили во надминување на актуелниот проблем.

Во овие тешки моменти продолжуваме да го негуваме нашиот општествено одговорен однос како компанија, вработените го имаат истиот третман како и претходно и продолжуваме да помагаме на заедницата. Тука е и времената трансформација на нашето лого и слоганот кој сега гласи „растојанието е клучна состојка за нашето здравје“. Со ова уште еднаш ја потврдуваме нашата свесност за ситуацијата во која се наоѓаме и заедничките напори кои ги правиме за нејзино надминување.

Повозрасните меѓу нас знаат и се сеќаваат на многуте препреки кои ги доживеавме, општествени трансформации, војни, економски кризи и неизвесности и опстанавме. Од тука, ние сме цврсто убедени дека од ова ќе излеземе посилни, а ќе извлечеме и поуки за понатамошното наше функционирање. Обврската да продолжиме да чекориме по трасата зацртана пред 51 година, е посилна од се`, а историјата не` научила и сме докажале дека токму „невозможно и недостижно не постои“! Да се држиме до тоа и најважно во овој момент, да држиме растојание!

Честит 51 адингов ден на сите адинговци  акционери и вработени, со најдобри желби за надминување на оваа светска здравствена и економска криза, која е надвисната над сите нас. Почитувани наши купувачи, доставувачи, деловни партнери и долгогодишни соработници, да си помогнеме со заеднички сили  да  го  пребродиме можеби  најтешкиот период кој  е  присутен до  сега и за  кој е  неизвесно  до  кога  ќе  трае.  АДИНГ ќе  направи се` и  како и секогаш, ќе го даде максимумот  во  своето  работење!

*На линкот подоле се потсетуваме на монографијата на Адинг, „50 години од првите чекори“, издадена во 2019., по повод јубилејната 50-та година од постоењето на компанијата.

http://www.ading.com.mk/CMS/Upload/mono-50/za%20web.pdf

Генерален директор и Претседател на УО на АДИНГ

Благоја Дончев дипл.град.инж.