Image3 Фев 2016

Реновирање на бањи, кујни и тоалети – постапка и совети

Автор: дипл.град.инж. Будимир Спировски

Реновирањето на бањи, кујни и тоалети, претставува зафат кој бара обмислување за избор, набавка и вградување на голем број материјали, почнувајќи од водоводна инсталација, керамички плочки, лепила за плочки, санитарии. Друг дел од целината за успешно реновирање е правилен избор и изведба на хидроизолација на овие простории.

За оваа цел, од производствената програма на АДИНГ, на располагање ви стои висококвалитетна хидроизолација на цементна основа Хидромал Флекс, која едноставно и брзо се нанесува, премостува пукнатини и е погодна за нанесување врз подлоги од бетон, малтер, камен, тули и гипс картонски плочи, и овозможува директно лепење на керамички плочки врз неа.

Постапката за подготовка на подлогата и изведба на хидроизолација е следна:
- отстранување на сите лабилни делови и нечистотии (старо лепило, стара изолација) од подни и ѕидни површини;
- заради ефикасно одведување-евакуација на евентуално продрената вода до хидроизолацијата, потребно е таа да се нанесе врз кошулка со изведени падови кон сливникот во подот;
- сите нерамнини (дупки) и пукнатини кај цементни подлоги се пополнуваат и израмнуваат со малтер за репарација Репаратур малтер-Ф;
- обработката на пукнатините (доколку се присутни во подлогата) се обработуваат на следен начин:
механичко отворање на пукнатината по нејзината должина така што се формира шлиц со ширина од 0,7 до 1,0 см и длабина до 1,5 см;
чистење на шлицот од прашина и негово квасење со вода;
исполнување на шлицот со Репаратур малтер-Ф.

Продорите на цевки низ подната плоча и сифоните се обработуваат по следна постапка:
отворање на шлиц (ширина од 0,7 до 1,0 см и длабина до 1,0 см) околу сифонот и цевките;
чистење на шлицот од прашина;
исполна на шлицот со акрилатен кит Адингакрил.

Хидроизолација на овие простории со Хидромал флекс се спроведува на следниот начин:
подготовката на материјалот е со мешање на А и Б компонентите во соодветен однос (А:Б = 1:1) со помош на електричен мешач со мал број на вртежи сè до потполна хомогенизација на смесата;
со помош на четка или крзнен валјак се нанесува прв слој од хидроизолацијата врз целата подна површина, а на ѕидовите до предвидената висина за да се оформи еден вид „када“ во просторијата (на ѕидните површини кај туш кабини или кади, хидроизолацијата се нанесува во висина од 2 м);
на споевите на ѕидовите и подот и на споевите на ѕидовите кај туш кабини и кади, во свежо нанесениот хидроизолационен премаз се втиснува бандаж лента со ширина од ≈ 10 см заради зајакнување-армирање на споевите.

По целосно сушење на првиот слој од Хидромал флекс, се нанесува втор слој од истата хидроизолација, која треба да се нанесе во нормален правец во однос на првиот. Откако целосно ќе исуши и вториот слој, се пристапува кон изведба на трет слој хидроизолација со Хидромал флекс.

На вака изведената и сува хидроизолација се пристапува кон лепење на керамички плочки со водонепропустливо лепило директно врз хидроизолацијата.

Со правилен избор на систем од водонепропусливо лепило за плочки и водонепропуслива смеса за фугирање се елиминира можноста за продор на влага под плочките, која со нејзино постојано присуство во тој дел создава услови за развој на габички и ширење на непријатен мирис на застојана влага во просторот.

За да ја елиминирате оваа појава може да ги користите водонепропустливите лепила на цементна основа од производствената програма на АДИНГ, Хидрокол-С и Хидрокол-СП како и водонепропусливата смеса за фугирање на плочки Фугофил.

Во период по 24 часа после лепењето на плочките, се пристапува кон исполна на фугите помеѓу плочките со водонепропустлива, бактериолошки отпорна и еколошка смеса за фугирање Фугофил, која е достапна во повеќе бои и нијанси.