Image6 Јул 2016

Епоксидни подни системи

Автор: Александра Петровска дипл.инж.арх.

 
Епоксидните подови се широко прифатено решение за завршен слој на подната површина. Тие имаат одлична адхезија на бетонски подлоги, голема јачина на притисок и отпорност на абење. Хемиски се отпорни на киселини, бази, растворувачи и нафтени деривати, а се нетоксични во врзана состојба. Бидејќи се монолитни, целосно ги исполнуваат бараните стандарди на ХАСАП системот. Стабилни се на голем дијапазон на температури, од – 40 ° С до + 70 °С.
Епоксидните подни системи имаат широка примена како завршна обработка на подови во: магацини, гаражи, паркиралишта, производствени погони за лесна и тешка индустрија, болници, кујни, ладилници, лаборатории, училишта, трговски центри, спортски сали, сервиси за автомобили, компјутерски центри и други објекти. Различните решенија на нивната обработка даваат можност и за примена во објекти каде подовите се дел од архитектонскиот концепт на просторот.
За правилно аплицирање на епоксидните подови: Најпрво треба да се има квалитетна бетонска подлога која мора да е постара од 28 дена, со завршен процес на хидратација, минимална јакост од МБ30, со максимален процент на влага од 5%. Подлогата треба да биде рамна, благо пердашена, без сегрегација и цементно млеко и добро хидроизолирана – заштитена од капиларно продирање на влага од долната страна. Оптимална температура на подлогата при нанесување е во распон од +10° С до +30°С.
Во својата производствена програма АДИНГ нуди повеќе докажани епоксидни подни системи:
 
Двокомпонентен премаз на база на епоксидни смоли без растворувачи, со одлична адхезија за разни видови подлоги (бетон, цементен малтер или челик), со висока абразивна и бактериолошка отпорност, едноставен за изведба и лесен за одржување. Достапен е во повеќе бои, според тон карта.
Начин на вградување: На подлогата која се обработува, треба да се нанесе предпремаз АДИНГПОКС 1П ЕКО, 1П или 1ПВ. Нанесувањето е со крзнен валјак, со втријување на материјалот на подлогата. Работните фуги кај бетонските подлоги се пополнуваат со епоксиден кит АДИНГПОКС-К. Материјалот се припрема со замешување на А-компонентата, 2-3 мин. со електричен бавен мешач, по што се додава Б-компонентата. Смесата се меша до потполна хомогенизација. Потоа, се нанесува на подлогата во воедначена дебелина,со помош на гумена глетарка и веднаш се разнесува со валјак со волнени кратки влакна. Вториот слој на АДИНГПОКС 1Б ЕКО се нанесува по целосно врзување на првиот слој, 24 часа од вградувањето, на температура од 10°С.до 30°С. Се препорачува нанесувањето да е во најмалку два слоја.
Двокомпонентен саморазливен епоксиден систем за подови без растворувачи кој, во зависност од намената, бараната противлизгавост и оптоварувања, се аплицира во неколку варијанти на системот. Има одлична адхезија за разни видови на подлоги, добра отпорност на разредени киселини, раствори на соли и минерални масла, едноставен за изведба и погоден за едноставно одржување. Достапен е во повеќе бои, според тон карта.  
Начин на вградување: Претходно спремната подлога,се прајмерира со АДИНГПОКС-1П ЕКО,1П или 1ПВ со втријување на прајмерот во подлогата со крзнена валјак. Потоа А-компонентата се промешува 2-3 мин. со електричен бавен мешач,по што се додава Б-компонентата и заедно се мешаат до потполна хомогенизација. Поради постигнување на поголема дебелина на подот, зголемување на неговата отпорност на абразија и подобрување на физичко-механичката отпорност на подот, се препорачува на замешаната количина од АДИНГПОКС 2 ЕКО (А+Б) да се додаде АДИНГПОКС 2 ЕКО Ц Компонента. Количината на материјалот што се меша треба да биде во согласност со отвореното време за работа со материјалот. Апликацијата се изведува со назабена глетарка, по што нанесениот слој се обработува со боцкав валјак, за да се истисне заробениот воздух од епоксидниот слој. Обработката на аплицираната површина треба да се изведе во период од 15-20 мин. по нанесување на материјалот.
Електропроводлив трокомпонентен епоксиден под кој се изведува во простории каде доаѓа до создавање на статички електрицитет, а со цел негово заземјување. Има примена во производствени хали за електронска опрема, компјутерски центри, операциони сали, електронски лаборатории, производствени погони и магацини за бои, лакови и растворувачи, производствени погони и магацини за експлозивни и лесно запаливи материјали и сл. Има одлична адхезија за разни видови на подлоги, висока абразивна и бактериолошка отпорност, едноставен за изведување и лесен за одржување.
Начин на вградување: Врз подготвената подлога која треба да биде прајмерирана со АДИНГПОКС-1П,1П ЕКО или 1ПВ, се поставуваат-лепат бакарни ленти, така да формираат мрежа 0,50 х 0,50 см, а краевите на баракните ленти се спојуваат со заземјувањето. Двете компоненти се мешаат со електричен бавен мешач до нивна потполна хомогенизација. Потоа постепено се додава компонентата Ц, со постојано мешање на материјалот. Нанесувањето се изведува со назабена глетарка, во дебелина до 3 mm. Нанесениот материјал се обработува со бодликав валјак, со цел ослободување на заробениот воздух во материјалот. 
Долговечноста на овие епоксидни подни системи зависи од начинот на експлоатација и одржување на подот. Подот, вообичаено може да се чисти со машини со ротациони меки четки со детергенти што се растворени во вода или со топла вода до 30°С.